Турскиот романсиер, поет и новинар Сабахатин Али (1907-1948), спаѓа меѓу
најзначајните писатели на турската книжевност од периодот на Републиката. Иако повеќе пишувал раскази, се истакнал со своите романи. Во своите дела ја обработувал темата на љубовта, но упатувал критики и на недостатоците на општеството.во 1937 г. го објавува својот прв роман „Јусуф од Кујуџак“, кој спаѓа меѓу неговите најзначајни дела. Неговиот краток роман „Мадона во бунда“ (1943), пак, се смета за еден од најдобрите романи на турската литература.
„Ѓаволот во нас“ (1940) е психолошки роман за љубовта на младиот интелектуалец Омер и студентката Маџиде. Дејството се случува во Истанбул на почетокот на 20 в. Патувајќи со својот пријател Нихат од едниот на другиот брег на Истанбул, на бродот Омер се вљубува на прв поглед во една 18−годишна девојка. При запознавањето открива дека таа всушност му била далечна роднина од провинција која се запишала на конзерваториум и живее кај неговата тетка. Делото изобилува со внатрешниот говор на ликовите и постојаните самопресметувања на Омер, трагањето по решенија за проблемите и неговиот неуспех во тоа. Сета своја нерешлива ситуација тој му ја припишува на „ѓаволот во себе“.
Во овој роман авторот ја обработува темата на притисокот на општествените околности врз немоќниот поединец и неговата притеснетост во таа стапица. Во делото го следиме и процесот на развод на две лица кои имаат различни светогледи, лица кои се засакале, но немале прилика доволно да се запознаат и потоа не можеле да најдат заеднички јазик. Дејството се одвива во триаголникот Маџиде, Омер и Бедри, но зад приказната на овој љубовен триаголник, според некои толкувања, се крие длабока критика на тогашното општество.
Ѓаволот во нас
Автор
Сабахатин Али
Јазик
Македонски
ИСБН

